Економско-социјалниот совет ја одржа својата 13-та седница, на која се дискутираше за Предлог на Законот за парнична постапка во делот на работните спорови, избор на претставник од ЕСС за член во Советот за статистика, Нацрт-документ за перформанс мониторинг на Економско-социјални совети од држави на Западен Балкан, во рамки на регионалниот проект Платформа за вработување и социјални прашања 2 (ЕСАП 2), анализи подготвени во рамки на Проектот „Зајакнување на социјалниот дијалог“ (Предлог политики за претприемничка култура, Пречки во пристапот до финансиски средства за микро, мали и средни претрпијатија, Претрпиемнички еко-систем во РСМ – Проценка на пазарот и Работа на далечина – правна рамка и препораки), како и Анализа „Премостување на возрасниот јаз – развој на иницијативи на социјалните партнери за управување со предизвиците поврзани со возраста.
Присутните се согласија дека предметните анализи ќе бидат од голема корист за ЕСС во остварувањето на советодавната улога која ја има ова тело спрема Владата, посебно при развојот и имплементацијата на политиките поврзани со темите на анализите.
Во однос на Нацрт-документот за перформанс мониторинг на Економско-социјалните совети од државите на Западен Балкан, претседателката и министерка за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, истакна дека значењето на индикаторите од документот е големо, бидејќи токму преку нив ќе можеме компаративно да ја согледаме ефикасноста на нашиот Економско социјален совет во однос на истите вакви тела од регионот, а со тоа ја унапредиме и неговата улога во водењето на социјалниот дијалог. Од нејзина страна беше посочено дека со цел на понатамошно разгледување на препораките од Анализата „Премостување на возрасниот јаз – развој на иницијативи на социјалните партнери за управување со предизвиците поврзани со возраста“ и соодветно постапување по нив, истите ќе бидат разгледувани во рамки на постојните комисии на ЕСС.