Економско-социјалниот совет на е трипартитна институција која е формирана на крајот од 1996 година.
Во 2005 година со Законот за работни односи прв пат се постави законска рамка за функционирањето на социјалниот дијалог на трипартитно ниво, додека во 2010 година Владата, Организацијата на работодавачи на Македонија, Сојузот на синдикати на Македонија и Конфедерацијата на слободни и независни синдикати на Република Македонија, склучија нова Спогодба за основање на Економско-социјалниот совет.
Еден од постулатите на ЕСС, како советодавно тело на Владата, е унапредувањето и поттикнувањето на трипартитниот социјален дијалог на национално и локално ниво, како и унапредување на бипартитниот социјален дијалог на секторско и на ниво на претпријатија, заедно со зајакнувањето на капацитетите на социјалните партнери преку вклучување во сите активности од економско-социјалната сфера.
Оттука, Економско-социјалниот совет претставува највисока институционална форма за промоција на трипартитниот социјален дијалог и неговата дејност се темели на потребата за тристрана соработка меѓу Владата, синдикатите и здруженијата на работодавачи во решавањето на економските и социјалните прашања и проблеми.
Економско-социјалниот совет го сочинуваат 12 членови, по четири членови од Владата, од репрезентативниот синдикат и од репрезентативното здружение на работодавачи на национално ниво.
Советот има советодавна улога и функционира преку одржување на седници врз основа на Годишна програма за работа.
Членови на ЕСС кои се именуваат од страна на Владата се: министерот за труд и социјална политика, министерот за финансии, министерот за економија и заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања.
Од редот на социјалните партнери во работата на ЕСС учествуваат 4 члена од Организацијата на работодавачи на Македонија и 4 члена од Сојузот на синдикати на Македонија.
Мандатот на членовите на ЕСС е со траење од 4 години со можност за повторно именување.
Правна рамка за функционирањето на Економско-социјалниот совет
Со Законот за работните односи од 2005 година во член 246 е утврдено дека дејноста на ЕСС се темели на потребата за трипартитна соработка меѓу Владата, синдикатите и здруженијата на работодавачите во решавањето на економските и социјалните прашања и проблеми. Согласно истиот Закон, ЕСС е национално трипартитно тело формирано од Владата и социјалните партнери, односно репрезентативните синдикати и репрезентативните здруженија на работодавачите на национално ниво.
Понатаму, во Законот за работните односи е предвидено дека ЕСС се основа со Спогодба за основање на Економско-социјален совет.
Во Спогодбата од 2010 година е наведено дека ЕСС има советодавно-консултативна улога при креирањето и имплементацијата на економски и социјални стратегии и политики во земјата.
ЕСС разгледува прашања и дава мислења, предлози и препораки до Владата за одредени прашања од областа на:
- економскиот развој;
- политиките на пазарот на трудот;
- политиката на плата и цени од областа на трудот и социјалното осигурување;
- социјалната заштита;
- здравствената заштита;
- животната средина;
- фискалната политика;
- работните услови и заштитата на работното место;
- образованието;
- културата;
- стручното усовршување и други области од економско-социјален интерес на работодавачите и работниците.
ЕСС разгледува и дава предлози за ратификација на меѓународни трудови стандарди согласно Конвенцијата на Меѓународната организација на трудот бр. 144 за трипартитни консултации и ги спроведува и следи обврските кои произлегуваат од Конвенцијата.
ЕСС дава мислења, предлози и препораки по предлози на закони и други прописи, национални стратегии и програми кои се во врска со економско-социјалните интереси на работниците и работодавачите, пред да бидат разгледани од страна на Владата, при што мислењето по однос на законите од областа на работните односи, вработувањето, пензиското и инвалидското осигурување и безбедноста и здравјето при работа е задолжително.
ЕСС има претседател и двајца заменици на претседателот. Претседател на ЕСС е министерот за труд и социјална политика, а по еден заменик на претседателот се избира од редот на членовите на репрезентативните синдикати и репрезентативните здруженија на работодавачите. Советот има и секретар кој е лице од Министерството за труд и социјална политика определено од министерот односно претседателот на ЕСС.
Трошоците за работа на ЕСС и неговите работни тела ги покрива Министерството за труд и социјална политика.
Со Деловникот за работа на ЕСС понатаму се уредуваат функционирањето и надлежностите на истиот. Согласно Деловникот, ЕСС работи на седници кои ги свикува претседателот на Советот, по потреба, а најмалку еднаш во три месеци. Во однос на кворумот во Деловникот е наведено седниците на Советот да се одржуваат доколку присуствуваат најмалку три претставници од Владата и по три претставника од социјалните партнери.
Деловникот предвидува Секретаријат на ЕСС, кој врши организациски, стручни и административно-технички работи за потребите и работата на Советот. Составот на лицата вклучени во Секретаријатот е на трипартитна основа.
Понатаму, со Деловникот за работа на ЕСС предвидени се 6 постојани работни тела во рамки Советот.
Постојани работни тела на Советот се:
- Комисијата за работни односи и плати;
- Комисијата за вработувања и политики за пазарот на труд;
- Комисијата за социјална сигурност;
- Комисијата за безбедност и здравје при работа;
- Комисијата за издавање и одземање на лиценци на помирувачи и арбитри и
- Координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата.