Постигнат напредок во дијалогот со социјалните партнери за новиот Општ колективен договор во јавен сектор

Економско-социјалниот совет денеска ја одржа деветтата седница со која претседаваше министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.

На денешната седница беa разгледани и усвоени Информацијата за имплементација на Работниот план за Преглед на занимања и Информацијата за учество на трипартитна делегација на Меѓународната конференција на трудот во Женева, во јуни 2023 година.

Главната дискусија на Економско-социјалниот совет беше за нов Општ колективен договор за јавен сектор, при што беа разгледани предлозите доставени од страна на синдикатите.

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи се осврна на два предлози за пресметка на платите во јавен сектор, предлогот на Владата и предлогот на синдикатите. Предлогот на Владата е во основната бруто плата да се дефинира минималната бруто плата и на неа да се додаде бројот на бодови помножен со вредноста на бодот, додека пак предлогот на синдикатите е во основната бруто плата да се дефинира просечната бруто плата помножена со коефициент на сложеност на работното место.

Вицепремиерот Битиќи  посочи дека за да се стигне до посакуваната цел  потребен е одреден транзициски период.

Претставниците на Владата истакнаа дека целта е поедноставување и креирање на единствен систем со кој ќе се заштити стандардот на граѓаните и ќе се следи продуктивноста во економијата.

Социјалните партнери се согласија да се направат симулации и за двата предлози за пресметка на платите во јавниот сектор и на идната седница на ЕСС, која ќе се одржи следната недела, истите да се разгледаат.